Внесете ја Вашата e-mail адреса да ги ресетирате Вашите корисничко име и лозинка.

* E-mail адреса

 
 
 
 

Каква дадилка најмногу ќе одговара на вашите потреби?

Со завршување на породилното боледување треба да почнете да одите на работа и се соочувате со прашањето кој ќе се грижи за вашето дете додека сте на работа.

Во некои понови литератури се сретнува податок дека најдобро за развојот на децата (особено од машкиот пол) е да почнат да одат во градинка на 3 годишна возраст.


Во периодот после породилното боледување (неполна една година на детето) па до три години најприфатливо решение за родителите е ангажирање на дадилка со полно работно време која ќе се грижи за детето во вашиот дом. Вообичаено, работното време на овој тип дадилка е 5 работни дена, 8 часа во неделата, а во нејзините основни работни обврски се вклучени самостојна грижа за детето од сите аспекти: подготовка на оброци, хранење, бањање, облекување, шетање, играње, средување на детската соба.


Во зависност од потребите на детето и слободното време на дадилката (најчесто кога детето спие), дадилката може да се ангажира и за некои дополнителни активности околу домот, како што се перење, пеглање, готвење за целото семејство или средување на домот. Исто така, можете да размислите и за дополнителен ангажман околу едукација на детето, на пример некој странски јазик, цртање или музика.


Совет: Размислете дали ќе имате потреба од повремена грижа за детето вон работното време на дадилката и тоа наведете го во разговорот со нашиот тим. Ангажманот на дадилката како бебиситерка не е вклучен во месечниот надомест.


Дадилки со скратено време
Дадилки со скратено работно време се идеални за родителите кои работат скратено работно време, бидејќи ангажирањето на дадилката само за времето кога е потребна е далеку поекономично. Тие се исто така одлично решение за родителите кои работат до доцна и имаат потреба некој да ги земе нивните деца од училиште.

Работните обврски на овој вид дадилки зависат од потребите на семејството и од периодот на ангажирање: дали се ангажирани полно работно време (8 часа) два до три работни дена, или само за викенд, или секој работен ден по неколку часа. Па така, може да бидат само за грижа за детето, или во комбинација со некоја дополнителна активност, како на пр. едукација (учење странски јазик, помош околу училишните задачи) или пак активности врзани со одржување на домот (готвење, перење, пеглање...).


Дадилка која зборува странски јазик
Дадилка која зборува некој странски јазик е одличен начин за детето да започне да учи нов јазик. Способноста на децата да апсорбираат повеќе различни јазици додека се мали е вистински феномен и вреди да се инвестира во него.


Комбинација на дадилка и домашен помошник
Ова е одлична идеја доколку ви треба дополнителна помош околу одржување на домот: готвење, пеглање, перење за сите членови во семејството, чистење на домот. Меѓутоа пред да се одлучите да побарате ваков тип на дадилка размислете колкав период од работното време дадилката ќе биде целосно ангажирана околу грижата за детето, бидејќи грижата за детето ѝ е прв приоритет, а одржувањето на домот доколку има време. Затоа ви препорачуваме ваков тип на дадилки само во услови кога дадилката има доволно слободно време за да може да ги изврши останатите активности, како на пр. во случаи кога детето оди во градинка неколку часа, или пак оди на училиште.


Дадилка помош на мајката со новороденче
Постојат различни гледишта за ангажирањето на дадилка веднаш после раѓањето на детето. Некои на тоа гледаат како на екстравагантно уживање кое го спречува почетокот на врзувањето на мајката со новороденчето. Но за многу други тоа е единствено решение за да се обезбеди непречено функционирање на домот и семејството, особено доколку во семејството има и друго(и) мало(и) дете(ца) или пак во случај на мајки првородилки кои имале компликации при пораѓањето.


Овој вид на дадилка се грижи за бебето до моментот кога мајката ќе може да ги преземе обврските околу грижата за бебето или пак тие обврски ќе ги преземе дадилката ангажирана со полно или скратено работно време. Дадилката за помош на мајката со новороденче е присутна во домот околу две недели, 24 часа, што значи дека во текот на ноќта станува за да ѝ го однесе бебето на мајката на доење, го бања, го пресоблекува, го шета, или накратко таа ја врши целата работа кога мајката се чувствува уморно или пак сака да им посвети подеднакво внимание и на другите деца.


Друга можност е во овој период кога новороденчето и мајката ќе дојдат дома да се ангажира дадилка само за преку ноќ за да ја преземе грижата околу бебето и да ѝ овозможи на мајката да се одмори со неколку часа непречено спиење.

Повеќе

Интервју со кандидатите за дадилки

Многу важен дел во процесот на избор на дадилката интервјуто со предложените кандидати.


Day Care ќе ви предложи три кандидати за дадилки и ќе организира запознавање и разговор со нив во нашите простории.


Ви препорачуваме првото интервју да биде без присуство на детето. Првенствено, најважно е вие да дознаете сѐ за дадилката, пред да му ја претставите на вашето дете. Доколку после првото интервју ви се допадне дадилката, тогаш можете да закажете второ интервју за да се запознае со вашето дете.


За време на интервјуто бидете отворени и пријателски расположени, обидете се тоа да изгледа како разговор, а не строго интервју. Во разговорот насочете се повеќе кон запознавање на карактерот на дадилката и нејзиниот однос и начин на извршување на работата како дадилка, наместо на проверување на квалификациите и искуството, бидејќи ние тоа веќе го направивме за вас.  


Иако Day Care предходно го запозна кандидатот за дадилка со работните задачи кои се очекува од неа да ги извршува, секако проверете дали во целост разбрала кои ќе бидат нејзините работни обврски и дали се чувствува пријатно во врска со нив.  Доколку планирате во текот на грижата, дадилката да го носи со автомобил детето некаде, распрашајте се за нејзиното возачко искуство. Доколку сакате дополнително да го едуцира детето (странски јазик, цртање, музика...) распрашајте ја на кој начин планира да ја изведе наставата. Видете дали е прифатливо за неа да ја ангажирате и за дополнителни активности околу домот (готвење, перење, пеглање...) или пак за повремено чување на детето вон нејзиното работно време.

 

Повеќе

Пред да ја донесете конечната одлука

Пред да ја донесете конечната одлука, ви препорачуваме да поминете еден ден со кандидатот за дадилка во вашиот дом.

Денот би можеле да го почнете со покажување што каде се наоѓа во домот, основните работи кои се потребни за грижа за детето. Доколку имате можност детето првиот час да не биде во домот, искористете го да се напиете кафе со дадилката и подобро да се запознаете во опуштен разговор. Многу родители сметаат дека вистинската дадилка не е само некој што е многу искусен и кого децата го обожуваат, туку и некој со кого вие можете да седнете и да си поразговарате.


Објаснете ѝ ги на дадилката секојдневните навики, што кога се прави во текот на денот. Проверете како дадилката се снаоѓа во тоа. Дали дадилката има креативен и топол пристап кон детето. Како детето ја прифаќа дадилката. Дали дадилката прашува корисни прашања за секојдневието на детето. Притоа, имајте во предвид дека дадилката може да биде малку нервозна бидејќи и за неа ова е нова работа. Исто така е нормално за било што детето да ви се обрати на вас наместо на дадилката. Немојте да гледате на тоа како на неспособност на дадилката да воспостави авторитет, сепак е потребно некое време за да се воспостави односот меѓу детето и дадилката.


Совет: верувајте му на вашиот родителски инстинкт и тој ќе ви помогне да ја донесете вистинската одлука околу изборот на дадилката.

Повеќе